Борд и менаџмент

Лилјана Гајдоска – извршен директор

Лилјана Гајдоска е родена во Скопје во 1974 година. Во 1998 година дипломира на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Своите професионални почетоци и успешна 25-годишна работна кариера ја започнува во 1997 година и тоа токму тука, во семејниот бизнис, односно во една од тогаш помалкубројните друштва на семејството Камчеви.

Почетоците во малото друштво кое работеше со трговија успеаја да го разбудат чувството на посветеност, одговорност, чесност и праведност, вредности кои знаеше да ги препознае менаџерскиот тим на Камчеви и во 2013 година ја назначи за директор на едно од поголемите друштва во холдингот, и тоа друштвото „Кара“ АД Скопје, кое работи и поседува недвижен имот во своја сопственост. Заемната почит и разбирање ја издигнуваат и на раководната позиција на друштвото „Панорама резиденс“ во периодот од 2013 до 2017 година, друштво кое е препознатливо по својата репрезентативна градба.

Токму поради фактот, на пред сè својата стручност, големото искуство, креативност, како и цврстата решителност и упорност кон извршување и спроведување на поставените цели, а воедно и позитивните човечки вредности, неспорните резултати и менаџерски способности кои ги покажа како директор на правниот сектор во компанијата, семејството во неа препозна човек кој е достоен за највисока позицијата во компанијата, при што во октомври 2021година, со целосна доверба ја постави за извршен директор на компанијата „Орка холдинг“.

Кристина Камчева-Стојческа – неизвршен член на Одбор на директори

Кристина Камчева-Стојческа е родена во Скопје во 1972 година. Во 1994 година ги завршува студиите на насоката Надворешна трговија и маркетинг на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потоа на Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје - Економски факултет се стекнува со магистер по економија. По теоретското надградување, активно се вклучува во семејните бизниси на својот татко Илија Камчев. Оттогаш, директно е ангажирана во менаџментот на повеќето компании и проекти кои се дел од „Орка холдинг“.

Едукацијата продолжува со сертификација на Northwestern Univesity - специјализација за организациско лидерство - лидерство преку иновации во дизајнот - соработка со високи перформанси: лидерство, тимска работа и преговори - лидерство преку социјално влијание - комуникација за лидерство за максимално влијание - лидерство преку маркетинг - иницирање и планирање проекти.

Нејзината работа е посебно препознаена во текстилната индустрија. Преку нејзината експертиза се креира домашниот текстилен бренд „Кара“, кој е практично и пример за високопрофесионално лансирана модна линија во државата. Таа е директно вклучена во креирање на производниот асортиман, маркетинг и севкупна организација на производствениот процес.

Во периодот од 2017 до 2019 година таа е назначена на позицијата генерален директор на млекарницата „Здравје Радово“ каде што се соочува со предизвикот од преструктуирање на севкупниот производствен процес, ребрендирање на производите, организирање на продажбата и маркетингот. Нејзиниот ангажман се обележува со видливи резултати во редуцирање на непродуктивните трошоци, подигнување на ефективноста на процесот на производство и подигнување на нивото на препознатливост на брендот на домашниот пазар. Кристина е и лично вклучена во лансирање на хотелските брендови ИБИС како дел од АКОР групацијата во Република Македонија. Таа беше иницијаторот за внесување на развиената светска франшиза, првенствено преку отворање на ИБИС хотел Скопје сити центар, а потоа и ИБИС стајлс.

Своја активна улога има и во Фондацијата „Илија Камчев“, формирана во чест на Илија Камчев, основоположник на „Орка холдинг“. Како човек кој ја обожава уметноста и хуманоста, таа е горд поддржувач на младите, но и докажаните уметници од Македонија, истовремено е и организатор на бројни донаторски активности наменети за маргинализираните категории граѓани.

Ванче Мијалчев – неизвршен член на Одбор на директори

Ванче Мијалчев е роден во Пробиштип во 1971 година. Дипломирал на Електротехничкиот факултет на насоката Компјутерска техника информатика и автоматика при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Првото работно искуство го започнува во 1994 година како професор по информатика во гимназијата во Пробиштип.

На локалните избори во 1996 година е избран за градоначалник, позиција од која успешно ја води општината Пробиштип до крајот на својот мандат до 2000 година.

Во 1999 година станува дел од раководниот тим на „Рудници Злетово“ како претседател на Надзорниот одбор сè до 2002 година, а во 2001 година од Владата на Р Македонија назначен е на функцијата извршен директор на ЈП ХС Злетовица, која успешно ја извршува сè до 2003 година.

Во периодот од 2004 до 2010 година професионално повеќе е фокусиран во делот на својата струка инжинерството и информатиката како директор на сопствена ИТ-фирма, а потоа и како директор на приватниот Институт за информатички истражувања , од каде понатаму е ангажиран во Акедемијата за судии и јавни обвинители на позицијата систем администратор сè до 2013 година.

Од 2013 наваму комплетно се посветува на менаџментот во областа на градежништвото, првично во Бетон Штип ГТД АД Штип на позицијата извршен член на Одборот на директори, а потоа и во други друштва од областа на градежништвото, а во моментов е на позицијата директор во ГТД Бетон Штип ДОО Штип.

Со своето долгогодишно менаџерско искуство и знаење станува дел од тимот на „Орка холдинг“ каде што во моментов е неизвршен член на Одборот на директори.