Постои вечна вистина дека најдобрите луѓе заминуваат од овој свет кога се на врвот на својата сила, способност и жртвување истовремено… како некоја за нас непозната сила да сака да ја зачува нивната величина од заборав… Силен во предизвиците, реален за иднината, посветен на семејството, во животот сјаен и несебичен… заминувањето на Илија Камчев е тажен момент за сите нас кои имавме чест и привилегија да учиме од човекот со големо срце, визионерот кој успеа да создаде високо реномирана компанија со која сите се гордееме. Со  жалење ви соопштуваме  дека со Илија Камчев се разделивме на 14 август 2009 година.

Инспиративен животен пат и приказна која е пример за тоа како со сопствен труд, пожртвуваност, знаење и јасна визија може да се создаде, издигне и одржи моќна високо вреднувана и почитувана компанија која нуди  значајни вредности за сите.

Илија Камчев (1937 – 2009)

Илија Камчев е роден на 6 декември 1937 година во село Марена – Кавадарци. Заедно со своето седум члено семејство се преселува во Скопје во 1944 година. Користејќи го својот голем ентузијазам и визија за нештата, го завршува Економскиот факултет со одлични резултати. Своето прво работно искуство го реализира во големата фирма специјализирана за текстил  „Макотекс“  во секторот увоз-извоз.

Во годините кои следуваат, Камчев ги развива своите претприемачки вештини. Еден од поголемите успеси го бележи во 1971, во која како вработен во „Македонија кооп“  Илија Камчев го основа претставништвото на фирмата во Софија со што станува најмладиот претставник во  тогашна Југославија. По враќањето во Македонија се вработува во „Технометал”, во сектор увоз-извоз, како директор за застапништво и реекспорт.

Неговите успеси продолжуваат во фабриката за спортска опрема и трговија „Македонија Спорт”. Во 1978 година е назначен за прв човек на фирма со статус пред ликвидација, се соочил со голем предизвик – да одлучи за судбината на фабриката и за тогашните  230  вработени. Во тие исклучително тешки  моменти за „Македонија спорт“,  благодарејќи на  цврстата волја, пожртвуваност и знаење на Илија Камчев компанијата не замина во историјата.

Како човек кој секогаш се залагаше за квалитет, отвори комплетно нова фабрика во која беше вградена тогаш најсовремената опрема, отвори нови продавници во кои клиентите препознаа квалитет, а со вработување на нов персонал 600 семејства ја обезбедија својата иднина. Целокупното инвестирање во нови производствени, продажни и човечки капацитети Илија Камчев го постигна без никакво задолжување. Со „Македонија Спорт“  раководи до 1989 година од каде на краток временски период заминува на работа во „Центротекстил“ во Белград.

30 јануари 1990 година е запишан во срцата на семејството Камчеви како датум кога Илија Камчев заедно со Јордан Камчев ја основаа сопствената приватна компанија „Орка“. Почетокот на 1990 година значеше почеток на нова ера во македонската економија. Тој ден почна да живее една реалност која изминатите децении Илија Камчев будно ја сонуваше – создавање на моќна компанија со сопствен капитал и вложен труд.

На успесите на „Орка“ со кои сега се гордееме им претходат напорна работа, несебично вложување и вешто менаџирање, доверба и сигурност која основачот ја влеваше кај своите партнери, вработени и клиенти. „Орка“ на Илија Камчев почна скромно со тим од 30 вработени во производство и една продавница. Со текот на времето компанијата ги прошируваше своите капацитети следејќи ги новите трендови на работа и промовирајќи модел на успешно корпоративно раководење.

За време на својот 40-годишен работен век, Илија Камчев беше почитуван од своите најблиски,  вработените, партнерите и клиентите на кои несебично го пренесуваше своето искуство и знаење. Ќе остане во нашите спомени пред сè како човек со големо срце. Илија Камчев искрено ја сакаше и почитуваше својата земја, вработените во „Орка” и своето семејство.

За време на својот работен век создаде успешен тим кој неуморно продолжува да чекори по неговите стапки. Лесно е да се продолжи раководењето на компанија чиј никулец е основан врз темелите на чесност, визија, посветеност, доверба и квалитет. Сакаме да истакнеме дека ни претставува особено задоволство и огромна чест што бевме негови соработници.

Со гордост се раскажува за неговите животни дострели почнувајќи од самиот почеток. Благодарение на неговата визионерска моќ, посветеност и несебичност „Орка”  успеа да се  издигне на нивото на кое се наоѓа и денес – реномирана компанија чиј бренд претставува синоним за успех, квалитет и сигурност. Неговата умешност, доблест и човечност претставуваат инспирација и мотив за сите нас кои имавме привилегијата да бидеме дел од неговиот живот.