Соопштение – До средствата за јавно информирање

Орка Холдинг е компанија која постои 31 година, основана како фамилијарна компанија која досега немала учество во ниедна приватизација во Македонија ,ниту пак некој голем државен тендер. Како дел од економскиот систем успешно работи и одговорно ги почитува и исполнува сите релевантни законски барања и регулативи во државата. Моментално, како еден од најголемите работодавачи на пазарот во земјата, Орка Холдинг во своите компании вработува 2437 луѓе и во 2019 година по основ на различни даноци и придонеси исплатила 18.500.000 милиони евра, додека во истиот период по основ на плати за вработени исплатила бруто вредност од 30.200.000 милиони евра. Бруто исплатена просечна плата во компаниите изнесувала 1032 евра.

Дали еден од претендентите за премиерска фунција на овие избори кога зборува за средства исплатени од криминални активности мисли на овој тип на исплати во буџетот на РСМ? Дали знае дека не постои записник ниту од УЈП, ниту од финансиска полиција или финансиско разузнавање, кои во изминативе години констатирал било каква неправилност или ‘криминално работење’ во работењето на овие компании ? Крајно непримерно е некој што бил на власт во оваа држава и претендира повторно да ја води оваа држава, да го употребува еден од најуспешните бизнисмени и една од најголемите македонски компании и работодавци во земјата за освојување на политички поени преку пласирање на комплетни невистини. Воведовме во Македонија стандарди во здравството кои не прават лидери во овој дел на Европа, излекувавме илјадници пациенти, се родија преку 20.000 деца… Тоа сме ние како компании и човечки квалитет во нив со кој се гордееме. Од политичарите се очекува да создаваат поволна бизнис клима, а не да им наштетуваат на оние кои и онака самостојно се борат за опстанок во приватниот сектор, вработуваат огромен број на луѓе и придонесуваат за развој на економијата.

 Со докази и потврдени факти одговорно ги отфрламе сите обвинувачки тврдења чија цел, покрај борбата за власт е и дискредитирање како на работењето на компанијата така и директно на г-динот Јордан Камчев. Во врска со наводните обвинувања за нелегално финансирање на Изборна кампања за претседателски избори 2019 година, во кои како дел од истото беа споменати и Орка Холдинг и компанијата Монт како дел од Холдингот ги проследуваме заклучоците добиени од конечниот Извештај на овластениот државен ревизор и прашањата кои истиот ги покрива, а се дискутирани на завршниот состанок со овластеното лице на учесникот во изборната кампања одржан на ден 09.01.2020 година. Државниот завод за ревизија за Финансискиот извештај за приходи и расходи заедно со ревизијата на усогласеност на ,,Изборна кампања – претседателски избори 2019 – Гордана Сиљановска Давкова, кандидат за претседател’’ за периодот од 26.03.2019- 11.08.2019 година, без резерва изрази мислење за вистинито објективно претставување на финансиската состојба во сите материјални аспекти.

Според мислењето на овластениот државен резивор, сите активности, финансиски трансакции и информации рефлектирани во Вкупниот финансиски извештај на изборна кампања во сите материјални аспекти се во согласно со релевантна законска регулатива, упатска и воспоставени политики.

Уште еднаш потврдуваме дека ВМРО-ДПМНЕ имаше долг кон една од нашите фирми кој е комплетно исплатен со пресметани камати.

Со мислењето добиено во извештајот на Државниот завод за ревизија, во целост се негираат сите обвинувачки тврдења кои беа изнесени на сметка на Орка Холдинг и г-динот Јордан Камчев.

Повторно очекуваме едно од многуте партиски соопштенија во кои ќе се повикаат да одговараат за криминал сите оние кои оние згрешиле пред законот.

Потполно го поддржуваме тој пристап под услов истото да не се прави селективно како до сега Нека се расчистат сите криминали и нека одговараат сите одговорни, со што точно ќе се разоткријат редица на нелегални финансирања на политичари и посредници кои со децении живеат на грбот на приватниот бизнис во Македонија.

Реализирани 8216 ноќевања во ИБИС хотелите како центри за изолација

Пред речиси 2 ипол месеци, на 22 март во Hotelot Ibis Style кој прв беше отстапен од страна на Орка Холдинг и Аџибадем Систина како центар за изолација беше примена првата група на граѓани кои пристигнаа во државата од странство и согласно донесените мерки требаше да поминат задолжителни две недели во карантин. Хотелот Ibis Style, целосно подготвен, беше меѓу првите објекти кои ги отворија вратите како центри за изолација.

Неколку денови подоцна, капацитетите на Ibis Style веќе беа исполнети и како центар за изолација Орка Холдинг и Аџибадем Систина го отстапија и веќеподготвениот хотел Ibis Skopje City Center.

Заклучно со 2ри јуни, во хотелот Ibis Style престојуваа 276 лица, односно беа реализирани 3645 ноќевања, додека во хотелот Ibis Skopje City Center престојуваа 334 лица и беа реализирани 4571 ноќевање. За овие лица од државата беа обезбедени три оброка во текот на денот во вредност од 600 денари по лице.

Во двата хотели каде што вкупно престојуваа 610 лица и поминаа 8216 ноќевања во вакви посебни услови беа неопходни посебни безбедносни протоколи, медицинска заштитна опрема, соодветно обучен и опремен персонал. Орка Холдинг, за да го обезбеди сети ова, за овие речиси два ипол месеци со сите ротации на лица во изолација издвои донација во висина од 200.000 евра.

Со обезбедени најсоодветни услови, средства за лична хигиена, соодветен, обучен персонал, медицинска опрема и заштита, организирана достава на храна и пијалоци, обезбеден пристап до интернет и тв во собите, Орка Холдинг и Аџибадем Систина се обидоа престојот на овие лица да им го направат што е можно попријатен и полесен. 

Веруваме дека лицата за кои беше одредена изолација се соочуваа со нешто кое никогаш претходно не го искусиле и целта беше карантинот да не го доживуваат како нешто застрашувачко туку да преставува само едно големо искуство од сите ќе излеземе посилни. Токму затоа, Орка Холдинг и Аџибадем Систина со условите кои им ги понудија во Ибис хотелите и грижата и третманот кои ги обезбедија за овие лица ја променија сликата за тоа што значи карантин.

Сето ова немаше да биде возможно без пожртвуваноста и истрајноста на вработените кои беа ангажирани во овие хотели за време на карантинот и безрезервно го прифатија овој предизвик. Медицинскиот и целиот останат персонал емпатично одговараше на сите потреби на лицата сместени во хотелите и во такви посебни услови наоѓаше начини да го развесели нивното еднолично секојдневие дури и со одбележување на нивните родендени со изненадувања.

Свесни дека ваквите големи предизвици може да се надминат само заеднички, во  моментите кога сите се наоѓавме пред една голема неизвесност од сето она кое не очекува, горди сме и среќни што покрај другото и на овој начин Орка Холдинг и Аџибадем Систина успеаа да придонесaт и помогнат во справувањето со коронавирусот.

Успешно реализирана крводарителска акција во која учествуваа и вработените на Орка Холдинг

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во соработка со општинската организација на Црвен крст – Карпош и Институтот за трансфузиона медицина реализираа уште една успешна крводарителска акција втора овој месец. Во оваа крводарителска акција учествуваа и дел од вработените во Орка Холдинг, а беа дарувани 51 крвнa единицa.

За време на крводарителската акција се почитуваа сите мерки и безбедносни протоколи за комплетна заштита од коронавирусот. Крводарителите беа поделени во групи со цел одржување на физичко растојание и задолжително носеа лична заштита на лицето, заштитна маска.

Поради зголемените потреби на крв во овие кризни периоди во текот на јуни се најавува уште една крводарителска акција во „Аџибадем Систина“.

Донација на заштитна опрема за Министерството за внатрешни работи

Систина фармација, дел од групацијата Орка Холдинг, за потребите на Министерството за внатрешни работи во време на пандемијата на коронавирусот донираше 20.000 еколошки заштитни маски за еднократка употреба кои треба да бидат распределени по проценка на Министерството, 1100 заштитни маски за повеќекратна употреба и 10 заштитни одела ( скафандери ) за еднократна употреба за потребите на СВР Скопје.

Вкупната вредност на донацијата изнесува 623.000 денари.

Оваа донација е само дел од низата со кои Орка Холдинг, овој пат преку Систина фармација, ја изрази својата поддршка и понуди помош на сите засегнати при справувањето со коронавирусот.

„Орка Холдинг“ и „Аџибадем Систина“ донираа 325.000 евра за справување со коронавирусот

Компанијата „Орка Холдинг„ како компанија која 30 години е дел и значаен столб од економскиот систем на државата и Клиничката Болница „Аџибадем Систина„, која 19 години е врвен лидер во здравството, со низа превземени активности, ставија на располагање бројни медицински и сместувачки капацитети, кадар и  медицинска опрема. Оваа помош и поддршка е ставена на располагање на граѓаните и на Кризниот штаб на Владата на нашата земја со цел справување со новонастанатата состојба предизвикана од глобалната пандемија на вирусот Ковид -19.

Отсутни од работа се многу наши вработени бидејќи се наоѓаат во групите на граѓани кои согласно препораките на институциите треба да останат дома. Само во Клиничката Болница Аџибадем Систина отсутни се 400 вработени, и како и многу други компании во оваа ситуација, се наоѓаме во рестриктивни услови. Во услови кога се прави реорганизација на работењето со цел да се задржи квалитетот и ефикасноста на истото, ние ја нудиме целата наша помош и поддршка бидејќи постои момент во кој сите знаеме дека нема простор за компромис.

Кога за животот се работи, кога се работи за здравјето на луѓето не постои компромис и цена.

Како дел од понудената помош Клиничката Болница „Аџибадем Систина„ и „Орка Холдинг„ целосно ги отстапија капацитетите на хотелите Ibis Skopje City Center и Ibis Styles за лица кои треба да поминат 14 дена во изолација. Капацитетите на Ibis Styles се веќе целосно исполнети, а првата група на лица е веќе пристигната и во хотелот Ibis Skopje City Center. Иницијално се очекува до 31.05.2020 да има 5 ротации на лица кои ќе биде потребно да поминат 14 дена во изолација, со што вкупниот број би достигнал 1030 лица,односно, бројот на поминати ноќи во овие објекти ќе биде 14,430.

„Орка Холдинг„ и „Аџибадем Систина„, одвоија фонд од 20.000.000 денари или 325.000 евра од кои 315.000 евра за подмирување на трошоците за престој на овие лица како и за заштитни средства, дезинфекција, заштитна опрема, фиксни трошоци, медицинска поддршка од КБ Аџибадем Систина и плати на ангажираните лица кои целиот период ќе работат во карантинските центри,70 дена. Договорот е склучен помеѓу Владата на РСМ и фирмите „ОК Хотел„ и Орка Хотел„.

Од овие средства, 10.000 евра беа издвоени за заштитна опрема, односно, заштитни маски, одела и ракавици за СВР Скопје и Здравствените установи во Дебар.

Компаниите „Жито Полог„ и „Здравје Радово„, кои се дел од нашата групација, и произведуваат основни прехрамбени производи нема да ги зголемат цените на своите производи во однос на 1.1.2020 година. Истовремено, потврдуваме дека двете компании работат со непречено производство и со полн капацитет. „Жито Полог„ месечно работи со полн капацитет и произведува 1500 тони на брашно Тип400 и Тип500 како и 600 тони сточно брашно и моментално има залиха на пченица сосема доволна за следните 4 месеци.

Млекарата „Здравје Радово„ која произведува 150 тони месечно кашкавал и сирење исто така работи во полн капацитет, и моментално има залихи доволни за 6 месеци.

Би сакале да изразиме и огромна благодарност на сите наши работени вклучувајќи ги и здравствените работници кои целосно ја разбираат нужноста на ситуацијата и безусловно ги прифаќаат сите нови задачи и активности. Неизмерно ги почитуваме и веруваме во сите наши вработени, повеќе од 2500 лица кои се дел од Орка Холдинг групацијата. Нашето искуство овие 30 години сведочи за многу предизвици кои сме ги поминале заедно со нив и веруваме дека и овој нов, голем предизвик што е пред нас ќе биде поминат без никакви дополнителни последици.

Во овие моменти кога сите наши мисли и напори се насочени само кон едно нешто, она од кое нема повредно – здравјето на сите нас, здравјето на сите наши граѓани Ве замолуваме и апелираме да ги почитувате сите мерки од надлежните институции, да бидете одговорни да имате висока свест и да се грижите за вашето и здравјето на другите.

Во крајно предизвикувачки услови, кога сите ние се соочуваме со нешто целосно непознато и кога нашето нормално секојдневие одеднаш добива сосема друга димензија, кога неизвесноста и стравот не можеме да ги оставиме пред затворените врати единственото кое е наша должност, обврска и желба да направиме е да ја предводиме оваа борба, да вложиме човечки и надчовечки напори оваа ситуација да ја направиме моментално поприфатлива, а нејзиниот краен исход од неа, подобар за сите нас.

Капацитетите на„Ibis Styles“ исполнети, вратите за изолација ги отвара и „Ibis Skopje City Center“

Kако дополнителен капацитет за сместување лица во изолација од денес целосно се става на располагање и веќе подготвениот хотел „Ibis Skopje City Center“ каде во текот на денот се очекува да пристигнат 8 лица.

Првата група на лица за кои беше одредена изолација во времетраење од 14 дена, согласно препораките на Министерството за здравство, во текот на изминатите два дена ги исполнија капацитетите на „Ibis Styles“, првиот хотел кој „Аџибадем Систина“ и „Орка Холдинг“ го отстапија како центар за изолација на лица на кои им беше одредена оваа мерка.

Во хотелот „Ibis Styles“ моментално се сместени 64 лица кои ќе останат таму следните 14 дена. На овие лица од страна на „Орка Холдинг“ и „Аџибадем Систина“ им се обезбедени сите услови, средства за лична хигиена, организирана е достава на храна и пијалаци, обезбеден им е ТВ и пристап до интернет.

Лицата кои се сместени во хотелите се под 24-часовен надзор на вработени од медицинскиот сектор, безбедносниот сектор и друг помошен персонал, со комплетна безбедносна опрема и стручна обученост, со цел да се одговори на сите нивни потреби.

Нивната здравствена состојба се следи секојдневно од медицински персонал од Институтот за јавно здравје. Во случај на појава на симптоми или влошување на состојбата, лицата, според предвидените безбедносни протоколи, ќе бидат пренесени до локациите кои Министерство за здравство ќе ги определи за згрижување и третман на симптоматските лица.

Со вакво секојдневно темпо на прифаќање лица на кои им е определена изолација од страна на Министерството за здравство, понудените капацитети од страна на „Орка Холдинг“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кои на раполагање ставија 214 кревети во хотелите „Ibis Skopje City Center“ и „Ibis Styles“ целосно ќе бидат исполнети.

„Орка Холдинг“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се во секојдневна комуникација со Владата и Министерството за здравство околу распределувањето и сместувањето на лицата на кои им е определена изолација.

59 лица сместени во Ibis Styles, Аџибадем Систина дава и медицинска поддршка

Вчера во доцните вечерни часови во хотелот „Ибис Стајл“ (поранешна Мала Богородица – Систина) се примени првите луѓе кои е потребно да се во изолација односно во карантин. Станува збор за приватен капацитет кој на располагање на државата го ставија „Орка холдинг“ и „Аџибадем Систина“. Од синоќа таму се сместени 59 лица кои во земјава влегле на Деве Баир и од Косово. Во хотелот се и 6 полицајци кои ја обезбедуваат локацијата и 16 вработени кои се менуваат на смени 24/7. Собите во хотелот се целосно опремени според барањата и потребите за згрижување граѓани кои треба да се во изолација.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ обезбедува и медицински персонал, поддршка и опрема. За лицата ќе биде обезбедена и храна. Освен редовна контрола на пациентите, за итни случаи докторите на „Аџибадем Систина“ ќе стојат целосно на располагање и ќе доаѓаат на повик. Лицата со симптоми на Ковид 19 ќе бидат пренесувани со асистенција на Министерството за здравство во Инфективната клиника. Согласно ова, 4 лица кои вчера вечерта имаа покачена темепература на проверката, веднаш беа испрати во Инфективната клиника.

“Орка холдинг“ и “Аџибадем Систина“ им се заблагодарува на вработените кои покажуваат висока морална свест, лојалност и солидарност, и несебично се вклучени сега кога најмногу е потребно. За нив е обезбедена заштитна опрема од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ Како што веќе известивме двата хотели Ибис Скопје – „Ибис Центар“ и „Ибис Стајл“ имаат капацитет од 214 кревети, од кои 51 во двокреветни соби, 101 во еднокреветна соба и 3 соби се за луѓе со посебни потреби.

Хотелите располагаат и со 6 фамилијарни соби. Овие капацитети беа ставени на располагање без претходни услови, но сепак се заблагодаруваме на соработката со владиниот кризен штаб и известуваме дека трите оброци за изолираните лица ги обезбедува државата во вредност од 600 денари по лице. Сите останати трошоци за сместување, вработени и медицинска поддршка ги покрива Орка холдинг“ и„ Аџибадем Систина“.

Комплетно опремени собите во Ибис хотелите да прифатат лица во изолација

Уште еднаш ја известуваме јавноста дека двата хотели Ибис Скопје – „Ибис Центар“ и „Ибис Стајл“, кои „Аџибадем Систина“ и „Орка холдинг“ ги ставија на располагање по потреба на државата и на Министерството за здравство се комплетно опремени и подготвени ВЕДНАШ да прифатат лица на кои им е определена изолација.

На располагање се ставаат вкупно 214 кревети, од кои 51 во двокреветни соби, 101 во еднокреветна соба и 3 соби за луѓе со посебни потреби. Хотелите располагаат и со 6 фамилијарни соби.

Сите соби се опремени соодветно на потребите и барањата за згрижување граѓани за кои е утврдено дека треба да се во изолација, од аспект на медицинска опрема и средства за дезинфекција. За лицата ќе биде обезбедена храна и стручен медицински персонал. Освен редовна контрола на пациентите, за итни случаи докторите на „Аџибадем Систина“ ќе стојат целосно на располагање и ќе доаѓаат на повик.

Доколку има лица кои ќе покажат симптоми на коронавирусот (Ковид-19), истите ќе се дислоцираат на посебен безбеден начин до локации кои Министерство за здравство ќе ги определи за третман на заболените.

Пет мобилни болници на Аџибадем Систина на располагање на граѓаните

Клиничката болница “Аџибадем Систина” покрај сите свои слободни капацитети и респираторни машини кои по потреба ги стави на располагање на граѓаните на Македонија, по претходен договор со Министерството за здравство, дополнително располага и со мобилни болници со кои ќе ги зајакне капацитетите за сместување на пациенти.

“Аџибадем Систина“ располага со 5 мобилни болници – шатори кои може да се транспортираат низ целата територија на земјата. Мобилните болници имаат сопствен приклучок на струја, а во истите по потреба ќе се инсталираат респираторни машини и сета друга неопходна медицинска поддршка за третман на пациентите. Овие 5 мобилни болници се опремени со кревети оддалечени на растојание од 2 метра и нивниот вкупен капацитет е 70 легла.

Овие мобилни болници доколку се јави потреба целосно ќе бидат на располагање на граѓаните на Македонија заедно со медицинскиот тим на “Аџибадем Систина“.

Наш приоритет е здравјето на сите граѓани и грижата за нив.

Орка Холдинг и Аџибадем Систина: над 150 соби од хотел Ибис ќе бидат за лица во изолација

„Аџибадем Систина“ и „Орка Холдинг“ соопштуваат дека од утре го ставаат на располагање на Министерството за здравство целосниот капацитет на Хотелот Ibis Styles (поранешната болница Мала Богородица – Систина).

Хотелот комплетно ќе биде пренаменет во Центар за изолација на сомнителни лица на вирусот Ковид-19 на кои им е определен 14 дневен изолационен период (карантин) од надлежните здравствени институции. Дополнително ќе биде обезбеден медицински тим од „Аџибадем Систина“ заедно со сета друга неопходна медицинска поддршка. Сите трошоци околу нивниот престој ќе бидат покриени од „Аџибадем Систина“ и „Орка Холдинг“.

Хотелот Ibis Styles има капацитет од 47 соби кои целосно ќе бидат пренаменети и опремени со потребните медицински материјали. Доколку се јави потреба од дополнителни капацитети, покрај овие 47 соби на хотелот Ibis Styles, „Аџибадем Систина“ и „Орка Холдинг“ се подготвени и целосно да ги отстапат капацитетите на Ibis Skopje City Center хотелот кој располага со 110 соби кои би биле целосно пренаменети и опремени со сета потребна медицинска опрема и материјали.

На сите нас останува да продолжиме да ги следиме препораките и насоките на Министерството за здравство, да веруваме во оние кои ја вложуваат сета своја професионалност со цел оваа ситуација да има најдобар можен исход, и заедно, со висока свест да придонесеме ова ситуација да биде побрзо надмината.

1 2